Шут и обрасната трева на местото каде Стевчо вети црква-Јакимовски се правда дека ќе се изгради
Пред две години градначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски постави камен темелник на долго најавувана црква “Христос Спасителот” која според најавите треба да се издигне веднаш зад трговскиот центар Сити Мол.
Од СДСМ денеска со низа критики за ветувањето кое Јакимовски го дал пред граѓаните.
„Иако оттогаш поминаа повеќе од 18 месеци, овде нема никаква градежна активност. Како што може да видите, позади нас има само шут и обрасната трева кои сведочат за уште едно лажно ветување на Јакимовски.
Освен овде, Јакимовски ветуваше изградба на верски храмови и во населбите Козле, Влае, Карпош 1 и 2, но до денес, ниту на тие локации нема никакви градежни активности“, изјави Душко Весковски, претседател на ОО СДСМ Карпош.
СДСМ го обвинува Јакимовски дека си игра со чувствата на жителите на општина Карпош и докажува дека негов единствен интерес е личното богатење преку бизнис зделките со ВМРО-ДПМНЕ, додека потребите и проблемите на граѓаните вооопшто не го интересираат.Општинскиот татко на Карпош пак ги демантира обвинувањата.
Тој преку соопштение до јавноста го објасни процесот на изградба на верски објекти, односно како што се нагласува прво требало да се впиша верскиот објект во деталниот урбанистички план, за потоа ктиторот ( инвеститорот) да започне со изградба.
„После поставувањето на камен темелникот на црквата „Христос Спасителот“ се појавија извесни проблеми во имотно- правните односи помеѓу Рафет Муминовиќ и Македонската православна црква (МПЦ), но сега истите се расчистени, и објектот ќе продолжи да се гради. Ктитор ( главен финансиер) на оваа црква е господинот Зоран Антиќ, заедно со неговото семејство. Се разбира дека има и други финансиери, исто така и локалната самоуправа ќе учествува со финансиска помош, но како што нагласив главен ктитор е Зоран Антиќ“, соопштуваат од кабинетот на Јакимовски.
Меѓудругото во соопштението се наведува дека и редвидените цркви кои треба да се градат во населбите Влае и Козле, ќе се изградат.
