ШУМИТЕ СТАНАА ПЕПЕЛ: За колку децении ќе се обнови дрвната маса?
Опожарените терени треба прво да се санираат, а потоа да се пошумат, советува шумарскиот инженер, Ленче Јанковска.
Таа објаснува дека местата каде беснееја пожари треба да се исчистат, да се направи сеча доколку е потребно и на есен или напролет да се изврши пошумување. Според неа, не треба да се чека, туку треба што поскоро да се преземат мерки за да се обнови дрвната маса, но и да се спречи појава на штетници. Јанковска вели дека е препорачливо пошумување да се направи во есен затоа што на пролет овие дрвца веќе ќе бидат во земја и ќе вегетираат.

„За да се обнови дрвната маса која е уништена ќе бидат потребни многу години. Борот расте брзо и ќе се обнови до 30 години. За дрвја како даб или бука, за да достигнат дебелина од 40-50 цм ќе им требаат и до 50 години. Многу е важно да се планира и навреме да се изврши пошумување, да не се чека. Kајшто има приземен пожар нема штети на дрвна маса“- вели Јанковска.

Македонија повеќе од месец дена се бори со пожари во повеќе региони и тоа во околината на Македонски брод, Чашка, Тетово, во скопско, во Источна Македонија. Дел од пожарите се под контрола и изгаснати, а дел се активни или пак се појавуваат нови пожари. Деновиве пожар имаше и во валандовско во близина на комплексот „Казандол“.
Според податоци од Јавното претпријатие „Македонски шуми“ овој месец се регистрирани над 56 пожари, а опожарени се 4.000 хектари. Причинетата штета е околу 1 милион евра. Првичните анализи покажуваат дека дел од пожарите се подметнати, а дел се предизвикани од невнимание, информираа претходно од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Сања Атанасовска
