Економија, финансии, бизнис

Контакт

ШУМИТЕ НИ СТАНАА ПЕПЕЛ: Странците ќе ги избегнуваат македонските планини

ШУМИТЕ НИ СТАНАА ПЕПЕЛ: Странците ќе ги избегнуваат македонските планини

Од планинарските друштва во Македонија велат дека во наредниот период ќе имаме драстично помалку странски планинари на македонските планини, посебно на местата каде имаше големи шумски пожари.

Најголеми штети претрпе источниот дел, но на удар беше и Галичица како и регионот на Македонски Брод. Планинарите објаснуваат дека странците се запознаени дека овде беснеат пожари, праќаме лоша слика за тоа како менаџираме со состојбата и тоа ќе ги одврати од намерата да ја посетат земјава. 

„Нормално е тоа, сè е пепел, изгорено, бега народот, не оди таму. Имав тројца- четворица пријатели што требаше да одат во охридско, отидоа во струшко. Ќе помине барем месец-два додека природата приближно да се врати во нормала, мислам  за воздухот, а за растенијата и животните да се стабилизираат ќе треба да поминат години. И странците нема да доаѓаат. Тие имаат подобри информации од нас за пожарите. Најчесто од регионот ни доаѓаа планинари. Тие беа со организирани групи. Ние имаме дом на Шар Планина, доаѓале планинари од Англија и кажуваа дека кога ќе бидеме нормална држава, ние нема да можеме да одиме толку често на планина“, вели Зоран Костадинов, од планинарско друштво „Трансверзалец“ од Скопје.

Веќе два месеци Македонија се бори со пожарите. Сите укажуваат дека штетите се огромни.

„Поледиците се големи, никој не доаѓа во опожарено место, да дише пепел. Уште 5 години најмалку ќе имаме проблем, за да се регенерираат местата. Таа шума не се обновува така лесно. Странец да дојде во опожарено нема шанси. За 50-60 отсто ќе се намали посетеноста од планинарите. Имаме соработка со Бугарија, Србија, од Хрватска и Австрија доаѓаа планинари, ама генерално на Пониква одевме. Пехчевскиот дел е уништен. Огражден е уништен. Плачковица имаше проблем со пожар деновиве. Источна Македонија има штети, уништена е“, вели Тошо Антов, претседател на планински спортски клуб „Осогово“ од Кочани.

Дождот деновиве помогна огновите да бидат изгаснати. 

„Кај што нема планинари, таму има пожари.  Сите знаат дека никој нема да ги види и ќе направат некоја белја.  Ќе има стагнација некое време, ама на есен планинарите ќе се движат по старите патеки. Дождовите ќе паѓаат, температурите ќе се намалат и народот ќе се движи, мислам за домашните планинари. Странците се заинтересирани за повисоките врвови или за полесни  тури, туристички. Тие што ја сакаат планината, ќе најдат начин да се движат“, објаснува Велимир Ѓорѓески, претседател на планинарско друштво „Бистра“ од Гостивар.

Пожар имаше и на Плачковца близу Штип, а тамошните планинари објаснуваат дека поради огнот отишле до планинарскиот дом, но немале шанса повеќе да се раздвижуваат во шумата.

„На некои планини, има поголеми контроли, нè враќаат, не отидовме до врвот. Дозволуваат до некаде да се оди, до некој објект, кај што има пат, куќа, вила, планинарски дом. За движење во планина бараат дозволи, се ограничува движењето“, рече Александар Санев, претседател ДПС „Лисец“ од Штип.

Планинарите велат дека треба да се трудиме странските планинари што почесто да доаѓаат во Македонија, кога еднаш ќе дојдат, пак да се вртат, а не обратно.

Од 1 до 19 август во Македонија се регистрирани 660 пожари на отворен простор од кои 98 шумски и од кои повеќето прераснаа во големи пожари тешки за гаснење. Во јули имаше 765 пожари. Пожарот на Галичица уништи над 6.500 хектари површина.

Сања Атанасовска

фото принтскрин

Слично

Поврзани вести