ШТО ЗНАЧИ МЕРКАТА КРАТКОТРАЕН ПРИТВОР И ВО КОИ УСЛОВИ СЕ ПРИМЕНУВА - Обвинителството со детално објаснување
Во однос на мерката краткотраен притвор, од Обвинителството испратија кратко појаснување за нејзиното значење и употреба.
„Мерката краткотраен притвор e процесен институт за обезбедување присуство на лицата за кои постои основано сомнение дека извршиле кривично дело, а се предлага во особено сложени предмети, кога е потребно да се прибере поголем обем на докази за проверка на сите околности и евентуално формално поведување истрага. Оваа мерка, предвидена согласно член 170 од Законот за кривичната постапка, може да се определи најмногу два пати по 48 часа без да биде донесена формална наредба за спроведување истражна постапка. Тоа му овозможува на јавниот обвинител да го задржи лицето за кое постои сомнение подолго од основните 24-часа полициско задржување. Смислата на оваа законска одредба е да му овозможи на јавниот обвинител да има доволно време, особено во тешки и сложени предмети, да ги преземе сите активности и да ги утврди фактите и околностите, како и конкретните својства и дејствија на лицето кои ќе ги испитува понатаму во истражната постапка. По формалното отворање на истрагата, јавниот обвинител предлага нови мерки за обезбедување на осомничениот, односно краткотрајниот притвор се укинува и најчесто се определува редовен притвор“, се вели во објаснувањето од Обвинителството.
