Што вели Заев за писмото од Столтенберг?
Не се согласувам со Столтенберг и верувам дека уште во јануари грчкиот парламент ќе го ратификува Договорот од Преспа, а Грција ќе биде првата земја што ќе го потпише Протоколот за пристапување на нашата земја кон членството во НАТО, изјави премиерот Зоран Заев, по денешната прес - конференција во Владата која ја одржа со министерот за финансии, Драган Тевдовски, а во врска со тоа што имаше во писмото на Столтенберг.
„Тоа е порака на охрабрување и за мене и за мојот колега Алексис Ципрас“, вели Заев.
Тој потсети дека на крајот на 2018 и на почетокот на 2019 година во Грција и Македонија се носат крупни политички одлуки.
„Писмото беше едно охрабрување кое што сака да ни даде на знаење колку е вреден овој договор. Во европски манири, со одважност на двете страни се донесе решение на спор којшто ја влечеше удолу Македонија, и истовремено беше уште еден нерешен спор и за Грција. Ваквото решение треба да биде дополнителна мотивација за парламентите во Македонија и во Грција да бидат позитивни во донесувањето на одлуките“ – рече Заев.
Премиерот смета дека е драматично во македонското, но и во грчкото општество.Во текстот под наслов „Скопје забрзува – не е исклучена можноста да го ратификуваат Договорот од Преспа до 10 јануари“, грчкиот весник „Катимерини“, ги анализира процесите предвидени со договорот, за можноста кај нас уставните измени да се изгласаат пред 15 јануари и повикувајќи се на свои извори објавува дека Столтенберг преку писмо побарал двете земји, обврските да ги завршат до 15 февруари.
„Според добро информирани извори, НАТО посакува најбрз можен процес. Секако според истите извори, постои писмо од Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг кој бара завршување на процесите во целост и во двете престолнини до 15 февруари 2019“, пишува весникот и објаснува дека барањето од НАТО за брзо завршување на процедурите се должи на изборниот циклус во кој влегува Грција.
Во анализата, грчкиот весник ја пренесува новогодишната порака на македонскиот премиер Зоран Заев, но и дел од ставовите на поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас, во неделното интервју за МИА.
