Економија, финансии, бизнис

Контакт

Што се случува со крвната слика кај граѓаните кои не можат да си дозволат разновидна исхрана?

Што се случува со крвната слика кај граѓаните кои не можат да си дозволат разновидна исхрана?

Различни анализи кои се правени претходните години покажуваат дека дел од македонското население не може да си дозволи квалитетна и здрава исхрана, а на долг рок таквиот начин на живот си го зема данокот. Кај лицата кои нездраво се хранат, недостатоците ќе се видат и во крвната слика. Нездравата исхрана може да доведе до пад на железото, вишок маснотии и холестерол во крвта и слично.

„Реално, има пациенти кои се сиромашни и месо јадат двапати во месецот. Имаме различни пациенти, односно некои се дијабетичари, а јадат благо, некои пак консумираат алкохол. Како во секоја друга држава и во нашата има социјални случаи кои не можат да си дозволат овошје, здрава храна, а кај луѓето кои не внесуваат одредени минерали, витамини, се забележува дефицит, ќе имаат послаба крв. Организмот си бара и минерали, и витамини и протеини и јаглехидрати, сѐ е потребно во умерени граници и ако има недостаток се јавуваат заболувања“, објаснува Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.

Таа советува луѓето да се откажат од пороци и парите да ги пренасочат за поздрава и поразновидна исхрана, плус да посветат повеќе внимание на физичката активност, од најмлади до најстари да се движат, да ги остават телефоните и да придонесат за подобро здравје.

„Секој кој несоодветно се храни, ќе се соочи со анемија, недостаток на железо, низок хемоглобин, ќе има замор, и затоа балансот е битен, сѐ да се внесува во мали количини, за да има рамнотежа во организмот“, додава Чолакова-Дервишова.

Таа нагласува дека и младите треба да избегнуваат смоки, грицки, газирани сокови.  Дел од граѓаните признаваат дека се хранат според можностите и не можат да си дозволат сѐ што ќе посакаат.

„Не внимавам апсолутно, толку е стандардот, а имам висок притисок, но со крвната слика не сум имала некои посериозни проблеми“, рече Снежана Тодевска, граѓанка.

Оние кои се дисциплинирани и по двапати годишно си ја проверуваат крвната слика.

„Внимавам да не јадам секој ден исто, да не јадам месо постојано, да не се прејадувам. Проверувам крв на 5 до 6 месеци и крвната слика е добра за мојата возраст“, рече Дејка Кузмановска, граѓанка.

Друга жена вели дека не секој може да си дозволи разновидна исхрана.

„Консумирам јајца, млеко, овошје, јадам месо, но не многу. Кој како ќе се храни зависи од примањата. Ако е некој постар човек со мала пензија, секако дека не може да си дозволи разновидна исхрана“, кажа Марина Илиевска, граѓанка.

Ако во земјите од Европската Унија(ЕУ), до 10 отсто од населението претходните години не можело да си дозволи оброк што содржи месо, риба или вегетаријанска алтернатива секој втор ден, во Македонија тој процент се движел и до 31 отсто. Ваква е состојбата според Евростат.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести