Што произведува АТС ГРУП на притворениот Шефкет Демировски?
АТС Груп, фабриката отворена во јули во индустриската зона Визбегово, а во сопственост на Шефкет Демировски, притворен и осомничен во Белград за илегален откуп на интелектуална сопственост, се занимава со производство на композитни производи и производи наменети за опрема на армијата и полицијата во делот на балистичка заштита и балистичка безбедност.
Станува збор за капацитет кој произведува шлемови, елеци и други реквизити за лична заштита на професионалните војници и полицајци. АТС Груп развива стотина нови производи годишно за елитните специјални сили. Производство е под континуиран надзор со свои експерти образовани за наменско производство и под надворешна контрола на странски деловни партнери според ISO 9001 стандардите.
Исто така, има континуирана соработка во областа на развој на нови материјали со познати институти од Европа, САД и други региони. Станува збор за специјализирана фабрика за балистички производи и решенија со мултинационални консултации, во соработка со главните играчи на пазарот. Производството е според стандарди и препораки кои ги бара НАТО и САД.

Атс Груп е гринфилд инвестиција од три милиони евра која на почеток започна со вработување на 80 лица. За Демировски е познато дека претходно неколку децении работел во странство пред да одлучи да инвестира во земјава.
Годишниот обрт на производство на компанијата според најавите треба да изнесува 30 милиони евра. Финалниот производ е наменет за извоз на странските пазари пред се во Европа, Турција и Катар.
