ШТО ПИШУВА ИФИМЕС ЗА ГРУЕВСКИ - азилот во Унгарија му истекува во октомври, преговарал со Русија и Турција за нов, А МОЖЕ И ДА СЕ ВРАТИ ДОМА
Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана објави анализа за престојните локални избори во земјава на 17 октомври кои ги смета за „избори со историски последици“ на кои за првпат на изборната листа се наоѓаат две меѓуетнички предизборни коалиции.
Од ИФИМЕС анализираат дека локалните избори ќе бидат нов обид за дестабилизација на Северна Македонија.
„За Република Северна Македонија е од особено значење сите оние што го попречуваат или не го признаваат Договорот од Преспа, кој донесе мир, стабилност и отвори шанса за просперитет на Северна Македонија, да бидат санкционирани и вклучени во „црната листа“ на американската администрација“, нагласува Институтот од Љубљана.
Тригодишниот политички азил на Никола Груевски во Унгарија истекува во октомври 2021 година, и тој преговарал со Русија и Турција за можноста за добивање политички азил, пишува ИФИМЕС.
„Опција е и можноста за враќање во Северна Македонија по локалните избори, на кои, според неговите проекции, би победила ВМРО-ДПМНЕ. Така, тие би се обиделе да го соборат Зоран Заев и неговата влада, а тоа сценарио го играат серија акции зад сцената, кои во најголем дел беа спречени. Тоа би било нов почеток за Северна Македонија и враќање во старата држава – дали граѓаните на Северна Македонија навистина го сакаат тоа?“, прашува ИФИМЕС на крајот од анализата.
