Економија, финансии, бизнис

Контакт

Што покажува статистиката - дали Македонците се љубители на готови јадења?

Што покажува статистиката - дали Македонците се љубители на готови јадења?

Во 2024 година, просекот по домаќинство кога се во прашање готови јадења е 1.9 килограми. Ова е податок од Државниот завод за статистика(ДЗС). Сепак, статистиката покажува дека денес за разлика од порано, македонските граѓани повеќе купуваат готови јадења.

Ориз, мусака, грав, полнети пиперки, грашок со јунешко место, турлитава, салати и други јадења ги нудат во угостителски објекти, но и во маркети. Некаде има и достава на домашна адреса. Луѓето кои се зафатени со обврски, практикуваат повремено да си купат готово јадење.

„Има и млади и стари што немаат време да готват или што живеат сами и од тие причини купуваат готови јадења. Меѓу муштериите имаме и мажи и жени. Тавче гравче, спанаќ, сарми, риба им се омилени. Сакаат здраво да се хранат. Сакаат готвена храна. Секој ден не можат да си дозволат да купуваат готов оброк, но можат двапати неделно. Има разлика во текот на годината, односно во зима кога има слави и околу Нова година сме забележале поголема потрошувачка, додека во јули, август, септември, луѓето одат на одмори и слабо купуваат готова храна. Десетина јадења имаме на менито. Тоа се македонски традиционални јадења. Цените се од 200 до 250 денари по порција, односно главното јадење, гарнир и салата“, велат од скопски угостителски објект.

Во 2023 година, македонските домаќинства во просек консумирале по 2.1 килограм готови јадења. Во 2022 година, просекот е 1.2 килограми.  Во 2021 година, просекот е 1.9 килограми, исто како лани.

Во 2020 година, просекот по домаќинство е 1.5 килограми. Во 2019 година, македонските домаќинства во просек консумирале по 0.9 килограми готови јадења.

Во 2018 година, количината е поголема, односно просекот е 1.2 килограми.  Во 2017 година, количината е 1.1 килограм. Во 2016 година, просекот бил 0.4 килограми. Во 2014 година, македонските домаќинства ретко конзумирале готови јадења, односно просекот по домаќинство е само 0.2 килограми.

Се очекува пазарот за готови јадења во светот да расте во иднина, според Statista. До 2030 година, порастот на годишно ниво ќе изнесува 5.22 отсто според прогнозата. 


Кина годинава е прва во светски рамки според парите потрошени за готови јадења, а зад неа се САД, Јапонија, Мексико, додека Русија е петта. Ваквите јадења се популарни и во Централна и Западна Европа. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести