Што очекува Берлин од новата македонска влада?
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Германија го поздрави изборот на новата влада на Македонија и кажа дека ќе мора да се спроведуваат итните реформи.
„Го поздравуваме изборот на новата Влада во ПЈР Македонија од страна на Собранието во Скопје. Поаѓаме од тоа дека новата влада сега решително ќе пристапи кон спроведување на итните реформи за надминување на политичката криза и за внесување нова динамика во евроатлантската интеграција на ПЈР Македонија“- стои во писмената изјава.
Портпаролот на германското МНР ги наведува итните задачи на новата власт.
Вели задачите се јасни: зајакнување на владеењето на правото, на слободата на медиуми и изразување, спроведување на Договорот од Пржино и зајакнување на работата на Специјалното јавно обвинителство. Притоа, Германија ќе му биде сигурен партнер на Скопје, додаваат оттаму.
