Економија, финансии, бизнис

Контакт

Што наведе во отчетот министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски?

Што наведе во отчетот министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски?

И министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска даде отчет за реализираните активности, проекти и реформи за период од две години.

Андоновски истакна дека отчетот не е само приказ на бројки, системи и закони, туку показател за тоа дали државата станува подостапна, поефикасна и поправедна за граѓаните. 

Еден од најзначајните резултати е развојот на Националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk. Бројот на електронски услуги на порталот порасна од 120 во 2024 година на 352 во 2026 година. Месечниот број на издадени услуги се зголеми од 1.354 на 13.445, бројот на корисници од 110.000 во 2024 година на 266.000 денес, а вкупниот број поднесени барања од 64.000 на над 340.000.

 „Ова значи повеќе услуги без шалтер, без непотребни документи и без губење време“, посочи Андоновски.

Министерот ги претстави 11-те клучни приоритети преку кои се водеше дигиталната трансформација во изминатите две години.

Првиот приоритет е Националниот портал за електронски услуги, чиј развој најдобро се гледа преку растот на бројот на услуги, корисници и поднесени барања.

Вториот приоритет се центрите за услуги, чиј број се зголеми од 5 во 2024 година на 16 денес, со цел државата да биде поблиску и до граѓаните на кои им е потребна директна поддршка.

Третиот приоритет е интероперабилноста, односно размената на податоци меѓу институциите. Месечниот број на трансакции преку Платформата за интероперабилност се зголеми од околу 708.000 на речиси 4 милиони, што претставува раст од 460 проценти.

Четвртиот приоритет е електронското работење во администрацијата преку еДМС, каде бројот на институции приклучени на системот се зголеми од 22 во 2024 година на 43 во 2026 година.

Петтиот приоритет е европската и реформската агенда. Досега се ослободени 31,7 милиони евра како поддршка за Македонија од Планот за раст, само во делот на дигиталната трансформација.

Шестиот приоритет е процесот „Роаминг како дома“. Министерството ги заврши сите домашни обврски за воведување пакети за роаминг со Европската Унија по цени исти како во домашните мрежи за интернет, повици и СМС пораки.

Седмиот приоритет е Сајбер безбедноста. За првпат, државниот центар за одговор на сајбер инциденти е примен во светската организација FIRST. Во оваа област се инвестирани 2 милиони евра во опрема, обука на професионалци и меѓународна соработка. Во истиот контекст, воспоставен е и механизам за блокирање нелегални приредувачи на игри на среќа онлајн, при што досега се забранети 358 нелегални приредувачи.

Осмиот приоритет се СМАРТ лиценците, како дигитални постапки кои обезбедуваат поголема правна сигурност, поголема транспарентност и помалку простор за административна субјективност.

Деветтиот приоритет се вештачката интелигенција, образованието и дигиталните вештини. Во овој дел, Министерот го истакна Националниот центар за вештачка интелигенција „Везилка“, проект со вкупна вредност од 6,5 милиони евра, како и обуките за администрацијата и вложувањето во македонскиот јазик во дигиталната ера.

Десеттиот приоритет е безбедноста на децата и дигиталното образование. Министерството го формираше Националниот центар за побезбеден интернет за деца, МкСафеНет, поддржан од програмата Дигитална Европа со повеќе од 700.000 евра. 

Единаесеттиот приоритет е транспарентноста и јавната комуникација. Воспоставен е  интегриран систем за веб-страниците на Владата и министерствата, а во тек е и изработка на унифицирани веб-страници за 40 општини и органи на државна управа. 

фото Фејсбук/Стефан Андоновски

Слично

Поврзани вести