Што крие алармот за мигрантска криза- нова игра за одложување на маките или спас од правда?
Најавата дека регионот и Македонија ќе се соочат со најголемата мигрантска криза и нов бран на бегалци е очекувана и предвидлива теорија-вели за Фактор професорот Владо Димовски, генерален секретар на Центарот за мултиетничка толеранција и бегалци. Минатата година вели неколку пати преку анализи предупредувал на ваквите состојби но надлежните вели немале слух за неговите истражувања и податоци. Владата според Димовски ги има овие сознанија и информации подолго време но како и во многу други ситуации смета дека чека погоден момент да го актуелизира ова прашање и да го сврти вниманието на јавноста од она што значи политичка криза во државата.
“Најавата за голем бран на мигранти кој деновиве е актуелна тема јас го предвидов и најавив за една меѓународна новинска агенција уште минатата 2016 година во јули месец. Според тогашното истражување на Центарот за меѓуетничка толеранција и бегалци од Скопје предупредив дека се очекува голем мигрантски бран од воените подрачја, Сирија, Авганистан, Ирак и голема мигрантска криза на Балканот која ќе ја зафати Република Македонија и која би имала најголеми последици од сите земји во регионов. Република Македонија има капацитети да се справи со ваквата ситуација но нема подготвеност или несака да се подготви за да се справи со неа. Нема да може техничката Влада ниту да се справи со големиот бран ниту пак ќе сака бидејќи ваквата состојба во најава и одговара да ја избегне одговорноста за долготрајната политичка криза која намерно ја предизвикува и оддолжува за поединци да си ја спасат сопствената кожа” – вели Димовски.
Сценариото за потенцијална опасност од голем наплив на бегалци и илегална миграција како што вели е параван за да се сврти вниманието на граѓаните од домашните проблеми, за да може ВМРО-ДПМНЕ да ”вегетира” уште некој период со владеењето. Дополнително смета Димовски и средбата на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск со претседателот Ѓорѓе Иванов, јасно потврди дека се бара подлога за спас.
“Според мое мислење посетата на Туск и разговорите со Иванов во многу нешта наликуваа на „парада“ преку која треба да се скријат криминалите. Јас сум убеден дека Иванов дури нема никакви информации околу некоја голема мигрантска криза која претставува опасност за Македонија. Мислам дека доколку Туск не најавеше дека при посетата ќе разговара со Иванов за мигрантската криза тој немаше ни да знае што разговор треба да води. Тоа добро му дојде на моменталното техничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ да го искористи моментот и да наметне нова игра за одложување и продлабочување на кризата”- потенцира Димовски.
Македонија според него нема сама да знае како да се справи и да го менаџира проблемот доколку дојде до голем наплив на мигранти. Иако има капацитети и човечки потенцијал преку единиците кои се ангажирани на границата,нема доволно познавања од вакви и слични бегалски или мигрантски кризи.
“Грешката се направи при првите знаци околу напливот на бегалци од блискиот исток пред некоја година кога се ангажираа човекови ресурси за решавање на настанатата криза на јужната граница кои немаа основни познавања од вакви и слични кризи но требаше некаде да се сместат и да се ангажираат за да не сметаат таму каде што беа. Република Македонија има искуство со три вакви и слични кризи од осамостојувањето до сега. Почетокот на 90-тите со Босанската бегалска криза, крајот на 90-тите со косовската бегалска криза и во 2001 година со домашните проблеми со раселените лица од конфликтот. Иако добро ги изменаџира ниедна од овие кризи не ја доведе до крај и токму затоа мислам дека ни со оваа најавена мигрантска криза нема да може да се справи” нагласува генералниот секретар на Центарот за меѓуетничка соработка и бегалци.
Проблемот станува уште посложен и посериозен поради фактот што нема Влада ниту функционално Собрание кои ќе обезбедат контрола и интервенција на терен. Овој проблем вели дека бара градење на сериозна стратегија за постапување со бегалците и притоа да се води сметка за национални интереси и целосно почитување на меѓународните конвенции и хуманитарното право за третманот на бегалците. А тоа со техничка Влада според Димовски тешко ќе се реализира.
“Длабоко сум убеден дека Македонија ќе настрада најмногу бидејќи за справување со поголем број на мигранти мора да се смета на соработка со соседите, но каква ни е состојбата и односите во овој момент со соседите тешко дека ќе може сегашнава техничка влада во заминување да постигне некој договор за олеснување на проблемите кои би настанале со напливот на мигранти. Доколку еве Република Србија ги затвори границите Македонија за кратко време ќе стане земја со дупло поголем број на жители од денешнава бројна состојба” – објаснува Димовски.
Според него овие најави доаѓаат во клучен момент за државата која мора да покаже проактивност.
“Токму тоа е намерата на техничката влада во заминување, во овие услови на нестабилна Влада, неефикасно Собрание да внесе нова игра за да не се завршат работите по изборите до крај и да нема кој да се справува со евентуално настанатата мигрантска криза и фокусот наместо на обелоденување на вистината да се сврти кон новонастанатиот проблем.Било кој да владее со Македонија во моменти на наплив на мигранти мора да се примени некогашниот предлог на покојниот претседател Киро Глигоров и да се направи тој фамозен коридор низ Македонија за мигрантите без никакво задржување нити пак било какво евидентирање на мигрантите на наша територија или пак никакво отворање на јужната граница за влез на мигранти. Се друго би било погубно за Република Македонија и продолжување до бескрај на сегашнава домашна криза”- потенцира Димовски.
Последиците како што вели професорот може да бидат страотни ако земјава не извлече поука од претходните искуства кога почна мигрантската криза. Малата помош и поддршка од ЕУ за тој период, играње топло-ладно на ЕУ со Турција околу помошта за запирање на мигрантите на турска територија според Димовски треба да бидат доволна поука дека земјава не треба да се согласи со било какви услови за прием и задржување на мигранти на територијата на Република Македонија.
Алармот е вклучен и кај соседните земји. Бугарија веќе усвои дополнителни мерки за зајакнување на безбедноста на својата граница со Турција по дојавата за можен наплив на бегалци од блискоисточните земји зафатени со конфликти. Србија од почетокот на годинава спречила 20.000 лица нелегално да ја поминат границата. Бранот преку Средоземното море сеуште е континуиран и само последните три месеци околу 5000 бегалци од северна Африка влегле во Италија.
С.Б.
