Што ќе се случи со најновиот тендер на „Трансмет“?
Неделава ќе се знае дали фирмата „Трансмет“ на осомничениот бизнисмен Сеад Кочан ќе го добие тендерот од ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина вреден 6 милиони евра.
Доколку биде пронајдена неправилност, договор со компанијата нема да има. Ако увидот покаже дека е во законските рамки тогаш ЕЛЕМ нема да има можност да го исклучи „Трансмет“ од договорот иако се сомничи токму за фалсификување документи и злоупотреба на тендерската постапка. Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев рече дека претходното раководство можело да издаде негативна референца уште пред да го објави огласот.
„Зошто претходното раководство на ЕЛЕМ кога веќе се разоткрија таквите сознанија распиша тендер во кој што не издаде негативна референца согласно Законот за јавни набавки на оваа компанија“- вели Анѓушев.
За него сомнително е тоа што „Трансмет“ во минатото копала за 90 до 144 денари за кило/џул, а сега тоа го прави за 44 денари.
Преку предметот „Труст“, Специјалното јавно обвинителство товари три фирми, меѓу кои и „Трансмет“ дека учествувале во формирање на конзорциум кој преку фалсификувана документација за сопственост на механизација го добиле тендерот на ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.
