ШТО ЌЕ ДОНЕСЕ ОД БРИСЕЛ - Димитров на неформален работен појадок
Денеска во Брисел, во организација на Грција, ќе се одржи неформален работен појадок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Унијата и на Северна Македонија и Албанија, во организација на грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас. Ова, според грчкото МНР е корисна можност за плоден дијалог и зајакнување на европската перспектива на двете земји, јавува МИА.
На брифингот со новинарите во петокот, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, Александрос Гениматас рече дека над 18 шефови на дипломатиите од ЕУ го потврдиле присуството, а неформалниот работен појадок ќе има за цел да се зајакне поддршката на европската перспектива на двете земји.
„Ќе биде корисна можност за плоден дијалог и сите присутни да разговараме и да ги изразиме позициите каде се наоѓаме. Присуството, веќе го потврдија над 18 министри за надворешни работи на Унијата, рече Гениматас во петокот.
Од нашето МНР соопштија дека работниот појадок, непосредно пред одржување на Советот за надворешни работи на ЕУ, ќе претставува можност министерот Никола Димитров да ги запознае колегите министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ со последните политички случувања во земјата, со фокус на клучните приоритети поврзани со владеењето на правото, како и имплементацијата на договорите со Грција и Бугарија.
„Воедно ќе го повтори барањето Советот што е можно поскоро да постигне согласност за новата преговарачка методологија и без понатамошно одлагање да ја донесе одлуката за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија, соопштија од МНР.
Во рамки на посетата на Брисел, министерот Димитров ќе се сретне со Оливер Вархеји, еврокомесар за соседска политика и проширување, со шефот на кабинет на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и со шефот на кабинет на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен. Од МНР информираат дека предвидени се средби и во Европскиот парламент со претседателот на групата Обнова на Европа, Дачијан Чолос и со повеќе европратеници.
