Економија, финансии, бизнис

Контакт

Што ќе биде со локалната власт во Македонија?

Што ќе биде со локалната власт во Македонија?

Уставниот суд денеска е на потег да одлучи дали ќе им ја продолжи функцијата на градоначалниците.

На закажаната седница судиите ќе ги разгледуваат иницијативите со кои се бара да се укинат два члена од Законот за локална самоуправа, при што би им се овозможило на градоначалниците да останат на функцијата се до одржувањето на локалните избори.

Неофицијално, дел од медиумите брифираат дека уставните судии ќе ги одбијат иницијативите на Министерствата за правда и за локална самоуправа, како и иницијативите на Тодор Петров од Светскиот Македонски Конгрес, за укинување на двата члена од Законот за локална самоуправа, коишто го ограничуваат мандатот на градоначалниците на четири години.

Познавачите на состојбата пак велат дека  ако судиите го продолжат мандатот на градоначалниците и советниците, можат да одговараат кривично. 

Мандатот на градоначалниците истекува на 15 мај, а рокот за распишување на регуларни локални избори истече на 6 март. Инаку, нивно пролонгирање може да се направи само со измени во Изборниот законик, за што е потребно двотретинско мнозинство во Собрание.

ДЕВЕТТЕМИНА ОД УСТАВЕН: Кога нема помош нарачај си одлука!

Деветтемина од Уставен суд утре повторно ќе се најдат во жариштето на политичката криза. Од нив зависи дали ќе им се продолжи мандатот на градоначалниците до одржувањето на следните избори. Оваа точка е на дневен ред на седницата закажана за в среда, а иницијативите ги поднесоа министрите за правда и локална самоуправа од ДУИ, Валдет Џафери и Ширет Елези, а втората е од претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.

Според Член 35 од Законот за локална самоуправа, членовите на советот се избираат за време од четири години, а членот 49 го уредува мандатот на градоначалникот кој се избира секоја четврта година. 

Подносителите на иницијативите бараат укинување на овие два члена, бидејќи мандатот на функционерите од локалната самоуправа завршува на 14 мај. Локалните избори требаше да се одржат во првата половина на мај, но тоа е невозможно поради политичката криза и блокадата на Собранието, а со тоа изминаа сите уставни и законски рокови за нивно распишување. 

Претседателот на СМК, Тодор Петров, вели дека на ваков чекор се решиле „во интерес на граѓаните“, неговата иницијатива предвидува мандатите на функционерите во општините да се продолжат до крајот на оваа година, до кога би требало да се организираат локалните избори.

Од Министерството за локална самоуправа велат дека со овие измени би се спречил правен вакуум во интерес на граѓаните и затоа бараат толкување од Уставниот суд.

Слично

Поврзани вести