Што кажа таткото на судијата Ѓоко Ристов за 350.000 евра скриени во ѕидот?
Со презентирање на снимки од претресот во семејната куќа во Неготино, обвинителката Искра Хаџи Василева, денеска ја почна доказната постапка против суспендираниот апелациски судија Ѓоко Ристов, обвинет за прикривање имот и перење пари.
Таткото на обвинетиот Ѓоко Ристов, Здравко Ристов посочил дека просторот каде што биле пронајдени 350.000 евра го користел неговиот син.
Во судницата беше пуштена видеоснимка од претресот, на која се гледа како истражителите ги кршат кујнските плочки и откриваат шуплина во ѕидот, во која биле скриени 13 пакувања со вкупно 610 банкноти, во апоени од 200 и 500 евра, завиткани во алуминиумска фолија.
Обвинителството презентираше и имотни листови, податоци од ДКСК, информации за кредити и имот на Ристов и неговата сопруга Симона Зориќ-Ристова, како и судски одлуки поврзани со Љупчо Пецов – Ѓаволот, во чии предмети Ристов одлучувал како судија.
Одбраната побара вештакот лично да ги образложи наодите за биолошките траги и доказниот материјал. Ристов пред судот повторно изјави дека не се чувствува виновен, а тврдеше и дека вториот кат од куќата го користел неговиот брат.
