Што им пиша Заев на амбасадорите гаранти на Пржинскиот договор?
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев испрати писмо до амбасадорите гаранти на договорот од Пржино во кое предупреди на повеќе чекори на владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ што се во насока на уривање на изборниот процес и натамошно усложнување на политичкиот кризен амбиент во Македонија.
Заев укажал на две работи и тоа дека натамошната политичка инструментализација на Уставниот суд и неговото неизјаснување за уставноста на Законот за СЈО, може да предизвика темелна деструкција на политичкиот процес и очекувањата за демократска разврска на постојните политички конфротации. Дека натамошната политичка злоупотреба на судството, до ниво на целосна суспензија на владеењето на правото и правната држава, во голема мера ќе го детерминира политичкиот амбиент во пресрет на декемвриските избори и правото на граганите да бидат дел од изборниот процес.
„Исто така, наведено е однесувањето на неодговорното политичко мнозинство кое во пресрет на одлуката за распуштањето на Собранието на РМ на 12 октомври 2016 година – агресивно го наметнува предлогот за усвојување на Буџетот на државата за 2017 година уште сега, кон крајот на септември 2016 година. Тоа не само што е единствен случај во 25 годишната парламентарна практика, туку преставува и потврда за една неодговорна политика и непочитување на виталните интереси на државата и нејзините граѓани. Остануваме со убедување, дека е неопходно да продолжи позитивниот процес на градење доверба за одговорно политичко ангажирање во пресрет на вонредните парламентарни избори на 11 декември 2016 година – како неопходен исчекор кон надминување на постојната политичка криза и градење на демократски амбиент во држвата“ - пишува во писмото на Заев до амбасадорите.
СДСМ и политичките партии од опозицијата, како и во изминатиот период, така и денес, во преден план ги задржува токму ваквите интереси на граѓаните и држата, велат од СДСМ.
