Што го предизвика стравичниот пожар во Велес - увидот треба да ги разјасни дилемите
Kуќа во стариот дел на Велес, нареченa Варналиите, изгоре до темел. Пожарот, кој избил околу 22 часот, први го забележале млади луѓе, кои биле во блиската играчница.
Куќата е една од петте на улица Јован Алабаков, кои се под заштита на државата и една од знаменитостите на Велес. Сопственикот на куќата Миле Паунов, за кој се сомнева дека бил во објектот, засега го нема, а соседите стравуваат дека е во изгорената куќа. Од пожарот оштетена е и соседната куќа на Маневи, дел ја зафатил огнот дел од водата со која се гаснел. Соседите сведочеа дека пожарот избил околу 11 часот.
„Пламна некаде пред 23 часот. Соседот Миле кој има околу осумдесет години се грееше на кварцна греалка. Имаше доста дрвенарија дома, од некогашната кафеана која ја имаа, столови, маси. Беше многу страшно кога пламна, оти тука се неколку куќи залепени, Така настрада и соседната на Маневи. Пламени јазици се креваа во височина, добро е што немаше ветер. Сите соседи бевме дојдени на помош. Но ништо не спасивме. Пожарникарите не можеа да пријдат од градбата која никна тука на плоштадот и го спречи приодот на возилата“, велат соседите.
Дури и неколку метри достигнувале пламените јазици на пожарот, кој брзо избувнал. За кратко се урнал и покривот, а постоела опасност целиот објект да падне. Во еден момент, пожарот го зафатил и покривот на соседната куќа. Дел од соседите, чии куќи се наоѓаат над изгорената, останале отсечени во слеп сокак.
Градоначалникот на Велес Аце Коцевски изјавил дека штетите од загубениот живот и старата архитектура се неповратни, но поуки мора да се извлечат.
Околу 2 часот по полноќ, пожарот беше локализиран. Освен велешката противпожарна бригада, во гаснењето учествуваа и единиците од Скопје, Кавадарци, Неготино и Свети Николе.
Непосредно пред пожарот дел од соседите на улицата слушнале расправија во која учествувал и старецот. Откако ќе заврши увидот, ќе бидат појасни и причините за пожарот.
