ШТО ГО НАЛУТИ САМКА ИБРАИМОВСКИ - Сака да си поднесе оставка од функцијата заменик-директор, не се исполнети очекувањата на Ромите
Претседателот на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), Самка Ибраимовски вчера најави оставка од функцијата заменик-директор на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта „Македонија пат”. Тој е незадоволен од остварените барања и ветувања за нивното учество во извршната власт. Оваа одлука е донесена по вчерашниот состанок на Централното претседателство на ПЦЕР.
„Утре ќе ја депонирам мојата оставка од причини што не се исполнети ветувањата кои требаа да се исполнат кон нашата политичка партија. Утре ќе имаме заеднички состанок со повеќе ромски политички партии и ќе бараме да се донесе ромска платформа по што заеднички ќе настапуваме на следните парламентарни избори. Остануваме во коалиција со СДСМ се до средбата со новиот мандатар Ковачевски, да видиме кои се неговите размислувања за нашата коалиција, односно дали ќе има парче колач од она што е ветено да се даде на ПЦЕР“, изјави Ибраимовски по состанокот.
Тој потсети дека му било ветено директорското место во „Македонија пат”. Ибраимовски рече дека по пописот очекува Ромите да бидат 7 проценти од вкупното население.
Ибраимовски утрово беше гостин на Утрински брифинг на Слободен печат.
Тој рече дека во партијата имало големо разочарување од целото тоа чекање нешто да се случи. Нашата партија е најстара ромска партија, регистрирана е дури и пред СДСМ, вели Ибраимовски.
За причините за незадоволство Ибраимовски вели дека тоа лежи во непочитувањето.
„Ние сме 28 години во коалиција со СДСМ. Ја почитувавме одлуката на првиот претседател да бидеме лево ориентирани. Јас бев пратеник и потоа бев министер а пратеничката функција да ја преземе друг член од нашата партија. Мојот кабинет како министер без ресор беше посветен на Ромите и направивме многу. Направивме проблематични улици во ромски маала и обезбедивме средства за изградба на 25 куќи за Роми во Кочани, исто и во Шуто Оризари направивме 13 улици и во 300 куќи направивме струја и така натаму. Со овој кабинет направивме многу. Владата требаше да направи анализа дека овој кабинет работел, но се случи да се згасне моето министереско место. И според мене тоа беше најголемата грешка“, вели Ибраимовски.
Ибраимовски вели дека не се ценеле гласовите што за владината коалиција ги носела партијата ПЦЕР. Тој е решен дека денес ќе си поднесе оставка од заменичкото директорско место во Македнија пат.
