Економија, финансии, бизнис

Контакт

ШТО ДОНЕСЕ СИЛНИОТ ДОЖД: Поплавена куќа во Чаир, фарма во Битола, има и одрони

ШТО ДОНЕСЕ СИЛНИОТ ДОЖД: Поплавена куќа во Чаир, фарма во Битола, има и одрони

Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека поради врнежите од дожд кои го зафатија поголемиот дел од државата, регистрирани се зголемувања на водотеците, локални поплави и појава на повеќе одрони на патиштата, но засега нема поголеми штети и сите регионални сообраќајници се проодни.

Штипски регион: зголемени водотечни нивоа и ситни одрони

РЦУК – Штип информира дека на подрачјето под нивна надлежност има слаби врнежи од дожд кои предизвикуваат умерено зголемување на реките и потоките. Во моментот не постои ризик од излевање.

На патните правци Делчево – Македонска Каменица и Делчево – Граничен премин забележани се ситни одрони, а екипите на ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта се постојано на терен и вршат расчистување. Сообраќајот се одвива нормално по влажни коловози.

Скопје: поплавена куќа во Чаир

Како последица од обилните врнежи во скопскиот регион, пријавено е поплавување на куќа на ул. Исмаил Кадаре бр.87 во Општина Чаир. Надлежните служби се известени и постапуваат на терен.

Куманово: излевање на Пчиња и наталожени дрвја кај Коински мост

РЦУК – Куманово пријавува дека на подрачјето на Општина Старо Нагоричане има излевање на реката Пчиња на неколку локации:

  • с. Пелинце (кај Меморијален центар АСНОМ)

  • кај Бања Стрновац

  • кај Коински мост (помеѓу с. Челопек и с. Коинце), каде има насобрана дрвна маса и отпад

Испратена е екипа која работи на расчистување на мостот.

Битола: големи одрони и поплавена фарма во Породин

РЦУК – Битола известува за одрони со големи камења на:

  • патот Битола – Прилеп, кај с. Лознани

  • патот Ресен – Охрид, кај Буково

За настаните се известени МВР и надлежните јавни претпријатија.

Пријавен е и поплавен објект – фарма во с. Породин, за што е информиран Штабот за заштита и спасување.

Од 10:00 часот се врши расчистување на повеќе критични локации:

  • кај с. Карамани – две машини од ЈП „Водостопанство Битолско Поле“

  • кај мостот пред Стентон Градба – една машина од „Нискоградба“

  • кај с. Лажец – две машини

Нивото на реката Црна изнесува 1.80 см, без опасност од излевање.

Во Општина Ресен екипи на „Македонија пат“ и ЈКП „Пролетер“ работат на расчистување речни корита. Нема штети на домови или земјоделски површини. Одрон на патот кон с. Крушејца утринава е расчистен.

Општините Кривогаштани и Долнени информираат дека нема нови штети од врнежите, а во Општина Крушево не се бележат поплави, освен благо покачување на нивоата на вештачките акумулации и реката Црна.

Сообраќајот – стабилен, но со влажни коловози

ЦУК соопштува дека сите регионални патишта се проодни, иако коловозите се влажни и се препорачува внимателно возење.


Слично

Поврзани вести