ШТИПСКИТЕ ТАКСИСТИ ЌЕ БАРААТ ПОСКАП ПРЕВОЗ: Дали ќе има поскапувања и во другите градови?
Штипските таксисти бараат зголемување на цената на стартот од 50 на 70 денари. Барањето ќе го достават до новиот локален совет, а причините се зголемувањето на цената на горивата, но и на новите законски одредби, кои се во прилог на поголема професионализација на овој бизнис.
Глигор Арсов, претставник на Здружение на такси возачи – Штип, вели дека барањето им е подготвено, се чека само формирањето на новите локални совети.
Арсов вели дека ако пред четири години во Штип имало 300, сега има 150 такси возачи. Причина за намалување на такси возилата низ улиците е пандемијата, како и неисплатливоста да се занимаваат со овој бизнис.
Посочува дека новите законски одредби за смена на регистерските таблички кои се веќе во сила, односно, секое такси возило мора да има жолта регистерска табличка, им оди во прилог на поголема професионализација на такси превозот и јасни правила во овој бизнис.
Такси возачите регистерските таблички треба да ги заменат во рок од една година, односно кога ќе го регистрираат своето возило.
