Штипјани и кавадарчани бараат референдуми за да се изјаснат за населување на бегалци
На следната седница, во септември, Советот на Општината Штип ќе се изјаснува за распишување референдум за изградба на станови на бегалци.
Најавата е дека овој референдум, би можел да се одржи со локалните избори во октомври. При донесувањето на заклучокот, не поминаа објаснувањата на членовите од СДСМ, дека не е предвидено да се градат станови за бегалци во Штип. За советниците од СДСМ, исто така спорно е собирањето на потписите, каде се впишувани и матичните броеви на граѓаните, што се коси со законот, а иницијативата ја прави нелегална.
Граѓанската иницијатива во прилог поднесе список со над 4000 собрани потписи. Видан Лазаревски од граѓанската иницијатива „Будење за Штип“ изјави дека одлуката за референдум ќе го содржи и референдумското прашање.
Советот на Општина Кавадарци веќе гласаше против населување на мигрантите во нивниот град, а воедно Советот ја усвои одлуката за распишување на референдум. И советот на Општина штип со 13 гласа „за“ изгласа да почне постапката за распишување на референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година. Советничката група на СДСМ ја напушти седницата кога се гласаше за точката на граѓанската иницијатива „Будење“.