Штипјанецот Денис Асанов обвинет за убиството на постара жена го смени исказот
Штипјанецот Денис Асанов обвинет за убиството на постара жена го смени исказот.
Пред Основниот суд во Штип денеска сведочеше 74-годишниот Денис Асанов, обвинет за убиството на 79-годишната Борјанка Николова. Асанов пред судијката Јулијана Недкова целосно го смени првичниот исказ даден пред истражните органи и побара ослободителна пресуда.
Обвинетиот тврдеше дека ја затекнал Борјанка мртва во бањата, но не пријавил бидејќи немал кредит на телефонот. Тој вели дека двајца млади луѓе му ставиле вреќа на глава, го врзале за дрво и почнале да копаат дупка во дворот.
„Никогаш во животот ни кокошка не сум заклал, а камоли човек“, изјави Асанов во судницата.
Тој кажа дека жртвата често престојувала кај него. Но, вештото лице од судска медицина посочи дека обдукцијата покажала сериозни повреди – скршени осум ребра и оштетувања на градниот кош, кои укажуваат на силен притисок, најверојатно нанесен со колено. Телото на жртвата е пронајдено најмалку две недели по смртта, без глава и нозе. Идентитетот е потврден со ДНК анализа. Сестрата на жената пријавила дека е исчезната.
Судењето продолжува на 21 април, кога се очекуваат завршните зборови на одбраната и обвинителството.
фото МИА