ШТИП: Сопругот и починал, по што ја завеле како мртва и сега не може да земе пензија
Штипјанка која е заведена како почината во јануари не можела да докаже дека е жива за да земе пензија.
Два месеци, Драгица Панова пред Фондот за ПИОМ не може да докаже дека е жива. Нејзината бизарна приказна, започнува со смртта на нејзиниот сопруг, на почетокот на годинава.
„Мојот сопруг почина на 4 јануари, и јас сум заведена како почината на 4 јануари, а по кој основ сум заведена како мртва не знам. Од јануари наваму јас немам добиено пензија. Никој не сака да ми објасни што е проблемот“, изјави Драгица за ТВ Стар.
Од тој момент таа оди од врата до врата со намера да докаже дека е жива и да обезбеди редовен прием на пензијата, но до денеска сите обиди и се неуспешни.
„Во месец март ги исправив документите, и рекоа дека ќе биде. Но, отидов да земам пензија и ми рекоа дека нема, истото го рекоа и во април“, вели Драгица.
Во меѓувреме таа живее скромно и за пари се снаоѓа на различни начини додека проблемот да се реши.
