ШТЕДЕЊЕ: На штедните денарски книшки лежат 2,5 милијарди евра
Заклучно со првото економско полугодие штедењето на населението и на приватниот сектор достигна ниво од 4,3 милијарди евра. Салдото на депозитната база во банките е во постојан пораст. Во јуни во споредба со мај, штедењето е зголемено за скоро 30 милиони евра.
Според податоците на Народната Банка, од аспект на валутната структура, пораст на штедните влогови има и кај денарското и кај девизното штедење.
И натаму во структурата доминира штедењето во денари. Заклучно со јуни, салдото на денарската депозитна база достигна ниво од 2,5 милијарди евра додека девизните заштеди изнесуваат 1,8 милијарди евра.
По двомесечно намалување на депозитите на приватниот сектор, во јуни е регистрирано зголемување на штедењето на фирмите. Така, по завршување на шестиот месец, депозитната база на приватниот сектор изнесува 914 милиони евра. Штедните влогови на населението, според јунскиот извештај на Народната Банка, изнесуваат 3,1 милијарда евра.
Слично
