Шпигел: Националистите ги продлабочуваат поделбите меѓу заедниците
Mакедонија се наоѓа во длабока политичка криза, а националистите ги продлабочуваат поделбите меѓу заедниците, пишува во репортажата од Скопје, германскиот магазин Шпигел, објави Дојче веле.
„Се работеше за мал, но експлозивен гест: откако свежо избраниот претседател на Собранието Талат Џафери влезе во својата канцеларија, на работната маса покрај знамињата на Македонија и ЕУ го постави и албанското. Македонија во моментов е најфрагилната земја на Западниот Балкан, а гестот предизвика бура во јавноста“, пишува Шпигел во текстот под наслов „Стравот од големоалбанскиот дух“.
Потсетувајќи на конфликтот од 2001 година и Рамковниот договор со кој, во теорија, се исполнија барањата на албанската заедница, авторот Кено Ферзек натаму го цитира аналитичарот Алберт Муслиу кој вели дека Охридскиот договор не довел до рамноправност на Албанците во земјата.
„Албанците не ги чувствуваат државните институции како свои“ - вели Муслиу.
Одговорни за ваквиот развој се долгогодишниот владетел Никола Груевски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Груевски во последните десет години владееше сѐ поавторитарно, наметнувајќи ѝ на земјата националистичка- македонска идеологија, пишува Шпигел.
На тоа воопшто не се спротивстави долгогодишниот албански партнер- ДУИ предводен од поранешниот командант на ОНА, Али Ахмети.
