Економија, финансии, бизнис

Контакт

Шпанскиот премиер побара од Парламентот да ја забрза ратификацијата за прием на Македонија во НАТО

Шпанскиот премиер побара од Парламентот да ја забрза ратификацијата за прием на Македонија во НАТО

Шпанската Влада предводена од премиерот Педро Санчез по доставената иницијатива го повика шпанскиот парламент по брза постапка да го ратификува Протоколот за членство на Македонија во НАТО. 

Владата веќе го одобри пристапниот протокол за членство на Македонија во Алијансата и го испрати до пратениците со напомена дека Шпанија е единствената земја-членка на НАТО, која сè уште не го ратификувала овој документ.

„Задолжително е ратификацијата да се спроведе по брза постапка за да не се загрози посветеноста на Шпанија како сојузник во НАТО и да ја прими Северна Македонија во Алијансата“, се вели во соопштението на шпанската Влада.

Постапката со ратификацијата беше прекината поради парламентарните избори и тешките преговори да се формира Влада, односно парламентарно мнозинство во Шпанија, додека останатите земји на членки веќе ја завршија својата работа.

И генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, синоќа на Твитер ја објави веста дека Санчез работи во тој правец, иако засега не е сигурно дали тоа ќе биде постигнато до распуштањето на македонското Собрание пред вонредните избори што е предвидено во текот на февруари.

- Пријателот на Македонија, премиерот на Шпанија, Педро Санчез побарал од Парламентот протоколот да биде ратификуван по итна постапка имајќи предвид дека Шпанија е псоледна од 29-те земји-членки на НАТО што тоа го нема направено, објави Николовски.

Владата во Скопје на 28 декември го утврди текстот на предлог-законот за ратификација на Северноатлантскиот договор потпишан во Вашингтон на 4 април 1949 година и го прати на усвојување во парламентот. По усвојувањето, се предвидува тој да стапи во сила со денот на објавување во „Службен весник“, а да биде депониран во Вашингтон откако Шпанија ќе го ратификува Протоколот за пристапување на земјава во НАТО.



Слично

Поврзани вести