Шокантно тврдење на Петрески: Во Друштвото на писатели притисоци за јазикот и идентитетот
Претседателот на Друштвото на писателите на Македонија Христо Петрески во своето последно обраќање до јавноста тврди дека е под притисок за прашања кои задираат во националниот идентитет и прашањата за македонскиот јазик.
Инаку тој на социјалните мрежи ја најави својата оставка, но подоцна објави дека официјално не ја депонирал на барање на Друштвото на писатели.
- Подолг период Друштвото на писателите на Македонија како столб на македонската самобитност и идентитет е стожер и борец за македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Со најновите организирани напади ДПМ се наоѓа пред притисоци, доведувајќи го во прашање и неговото постоење. За жал, повеќето членови на ДПМ не знаат со што се соочува Друштвото во овие тешки моменти за Македонија и жалам што се доведени во заблуда од поединци. Изјавувам дека како претседател на ДПМ бев и сум под притисок за прашања кои задираат во националниот идентитет и прашањата за македонскиот јазик.
Писателите се вистинскиот браник на македонскиот идентитет, македонскиот јазик и култура и затоа апелирам и ве молам на најубав начин да ги сочуваме заедно – во одбрана на ДПМ кое има 76 години традиција, или како што би рекол безвремениот Блаже Конески: ,,Јазикот е единствената наша татковина. Се додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште, вели Петрески во своето јавно обраќање, објави Петрески.
Тој соопшти дека повеќе нема да комуницира со јавноста преку социјалните мрежи, туку само преку институцијата ДПМ.
