Шилегов: Во наше време ги снема меѓуетничките тепачки во автобуси и училишта
Петре Шилегов, актуелниот градоначалник на Град Скопје, во своето гостување на Алсат М рече дека во времето на актуелната централна и локална власт во главниот град ги снемало меѓуетничките тепачки помеѓу ученици во автобусите и училиштата.
- Македонци или Албанци или Срби или Роми имате насекаде низ нашиот град. Меѓутоа посветеноста, изедначувањето на граѓаните и уште еден многу битен момент, безбедноста и сигурноста што ја стекнаа граѓаните во изминатите четири години е за нас, за среќа наша, на сите нас. Минато се тепачките во училиштата помеѓу децата, претежно на етничка основа. Минато се тепачките во автобусите помеѓу децата, рече кандидатот за нов мандат во вториот круг од локалните избори.
Шилегов додаде дека „мирот и спокојот што ги добивме е голема придобивка што успеале да ја направат во овие 4 години, за реазлика од порано кога родителите стравувале како ќе се вратат децата дома“.
- Многу е важно што мирот и стабилноста во Скопје успеавме да ги вратиме. За жал, после првиот изборен круг, повторно се враќаат сеништата од не така далечното минато, рече тој и порача дека „Скопје е на скопјани, а не на ВМРО-ДПМНЕ“.
