Шилегов: ВМРО-ДПМНЕ не сака силно СЈО кое ќе ги расчисти криминалите
Со денешното гласање пратениците од ВМРО-ДПМНЕ официјално станаа прикривачи и помагачи на криминаллот што го гони Специјалното јавно обвинителство, изјави потпаролот на СДСМ.
Потпаролот на СДСМ, Петре Шилегов по денешното гласање во собранието против измените на измените на Законот за СЈО, како и Законот за заштита на сведоци, изјави дека нема поголем доказ за криминалот на обвинетиот Никола Груевски од денешното гласање на неговите пратеници.
- Очигледно е дека обвинетиот Никола Груевски и криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ се единствените коишто не сакаат да се овозможи непречена работа на Специјалното јавно обвинителство“, изјави денеска Шилегов.
Потпаролот на СДСМ праша и од што се плаши ВМРО-ДПМНЕ за упорно да не сака да ги изгласа предложените измени на Законот за СЈО и Законот за заштитени сведоци? Тој додаде дека неодамнешниот однос на пратениците кон специјалната јавна обвинителка покажува дека ВМРО-ДПМНЕ не сака силно Специјално обвинителство кое до крај ќе ги расчисти истрагите што ги започна.
- Со денешното гласање пратениците од ВМРО-ДПМНЕ официјално станаа прикривачи и помагачи на криминаллот што го гони Специјалното јавно обвинителство. Алиби гласањето на ДУИ и оваа политичка партија ја става во иста категорија со ВМРО-ДПМНЕ, вели меѓудругото Шилегов.
