Економија, финансии, бизнис

Контакт

Шилегов вечерва го затвора Мал Ринг за возила и најави забава

Шилегов вечерва го затвора Мал Ринг за возила и најави забава

Петре Шилегов, градоначалникот на Град Скопје, за денеска доцна попладне најави затворање на улицата Димитрие Чуповски за возила и најави хепенинг со цел да се симулира како ќе изгледа во иднина потегот кај „Рекорд“, односно Мал Ринг, како пешачка зона

„Драги пријатели, денеска после 18ч. улицата Димитрија Чуповски (кај Рекорд) ќе биде затворена за коли и автобуси, а отворена за пешаци и велосипедисти. Дојдете заедно да го почувствуваме отворениот простор за да видиме како ќе изгледа Малиот Ринг во иднина ослободен од моторизиран сообраќај! Донесете ги и своите деца, ќе има многу забавни содржини за нив и за возрасните!“, објави Шилегов.

Минатиот месец градоначалникот најави дека низ центарот на Скопје од наредната година нема да се движат автомобили, а според проектот на кој се работи, потегот од крстосницата кај Собранието до трговскиот центар „Палома бјанка“ ќе стане пешачка зона.

„Она што сега го работиме е догодина целосно да се затвори Мал ринг за возила и да стане пешачка зона, како што е секаде во светот. Тој дел ќе добие комплетно нов изглед, со уреден плочник и тротоари, а паркот ’Жена борец‘ ќе се прошири кон Собранието. Размислуваме единствено на тој простор да се движат автобусите од јавниот превоз“, рече тогаш Шилегов.

Улицата Даме Груев (улицата кај Беко, позади Парламентот) ќе биде алтернативната сообраќајница низ која ќе се движат возилата. Планирано е оваа улица да се прошири и да се направи со четири ленти, а за таа цел ќе биде срушена зградата на поранешен Макотекст како и околните паркинзи.

Слично

Поврзани вести