Шилегов: Тоа што само Груевски можел да го добие Чавков, упатува дека тој стои зад насилството
СДСМ поседува сериозни докази коишто упатуваат на тоа дека во
четвртокот во Собранието беше извршено кривичното дело „Терористичко
загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Oва го изјави портпаролот на СДСМ Петре Шилегов на денешната прес конференција.
„Се работи за Член 313 од Кривичниот законик на Република Македонија кадешто пишува:
„Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години“.
Имаме фотографии, видео материјали и други докази и знаеме кои се лицата кои сои без маски извршија обид за убиство на пратеници во Собранието, коишто напаѓаа новинари и вработени во Собранието.
Доказите ќе ги доставиме до надлежните институции.
Во јавноста веќе има снимки, направени од медиумите, од пратениците и останатите присутни во Собранието на коишто јасно се гледаат дел од насилниците и делата“, рече Шилегов.
Тој им посочи на МВР и ОЈО да не одолговлекуваат и да не бараат оправдувања на третиот ден по инцидентите, и веднаш да постапат, по службена должност, за утврдување на одговорноста.
„Нападот на
народни избраници, новинари, вработени во Парламентот, како и нападот на
Собранието како државна институција е загрозување на уставниот поредок и
безбедноста и мора да има одговорност. И нарачателите и извршителите на
насилството во Парламентот мора да се соочат со правдата и тоа ќе се
случи.
Освен домашната тоа го очекува и меѓународната јавност. Ќе посочам на денешната заедничка изјава на ЕУ, САД, ОБСЕ и НАТО кои упатија најостра осуда на организираниот напад во Парламентот, оценија дека властите не ги заштитија членовите на Парламентот и присутните новинари, дека нападот врз државна институција е напад врз самата демократија. И дека кривичните дела мора да бидат брзо истражени, а организаторите и извршителите да бидат изведени пред лицето на правдата!“, потенцира Шилегов.
Тој рече и дека по изборот на новиот собраниски претседател, граѓаните ќе ја добијат и новата реформска Влада .
