Шилегов: Сведоци сме на обиди за дисфункција на Собранието
Петре Шилегов на денешната прес конференција во Собранието посочи дека сите се сведоци на обидите за блокада кои ги врши ВМРО-ДПМНЕ иако претходно на координација со претседателот Џафери било договорено денеска да завршат со изборот на заменик-секретарите, измените на Кривичниот законик во делот на Суперкупот и да го усвојат извештајот за работата на Агенцијата за администрација. ВМРО-ДПМНЕ, според него, сега не се држи до договорот и прави опструкции.
– Вчера и денес сте сведоци на обидот на ВМРО-ДОМНЕ да направи дисфункција на работата на Собранието. Вчера ги спречивме да опструираат да не се донесе извештајот на Комисијата за финанасирање и буџет. Претседателката на Комисијата одби да го потпише извештајот произлезен од неа. Во таков случај мнозинството членови на комисијата, според Деловникот, го потпишаа извештајот – тврди Шилегов.
Од СДСМ велат дека тие ќе продолжат со работа и доколку од ВМРО-ДПМНЕ продолжат со истата динамика, како што велат, на опструкции, ќе преземат мерки кои им се овозможени со Деловникот. Шилегов не посочи кои се следните конкретни чекори на парламентарното мнозинство за да ја надмине потенцијалната блокада на опозицијата.
