Шилегов: Со тунелот на „Лимак“ ќе може да има пешачка зона
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов најави дека Град Скопје на средината од 2022 ќе започне инфраструктурно да ја поврзува подземната сообраќајница која ја гради Лимак Скопје и која е дел од мултифункционалниот проект „Diamond of Skopje“.
Со овој проект, како и со отворањето на коридорот преку мостот на АСНОМ фдо „Мавровка“ за граѓаните на Лисиче и Аеродором, Шилегов верува дека до крајот на 2023 во центарот на градот ќе има пешачка зона.
„Она што вие не го гледате во моментов, а тоа се одвива, е изработката на тунелот под Старата железничка станица, а ние како Град Скопје некаде на средината на следната година ќе започнеме да работиме на конектирањето на тој тунел со останатата инфраструктура. Тоа е тунел кој ја поврзува Иво Лола Рибар, односно Васил Гологанов со Кисела Вода, рече Шилегов на денешната прес-конференција.
Овие проекти, според Шилегов, ќе овозможат низ актуелниот Мал Ринг граѓаните да се движат без сообраќај.
- Затоа велам дека ќе правиме стратешки развој на инфраструктурата и можеби ќе имаме посебен брифинг со мапи за да видите што е тоа што сега стратешки се одвива, наведе градоначалникот.
