Шилегов: Скопје заслужува вистински градоначалник
Кандидатот од партијата на СДСМ кој ќе се бори за градоначалничката фотелја во главниот град денеска изјави дека Скопје ќе добие нова услужна локална власт, подеднакво посветена и отворена за сите граѓани.
Петре Шилегов ветува транспарентно и домаќинско работење, и трошење на буџетот исклучиво во интерес на граѓаните и тоа за нивни реални, потреби.
Шилегов кој моментално е пратеник вети подобра патна инфраструктура за поврзани и безбедни граѓани, побезбедена чиста вода и чист воздух за здрави граѓани, повеќе пари за граѓаните за подобар и полесен живот.
„Додека голем дел од граѓаните на Скопје се уште немаат достојна патна инфраструктура, водоводна и канализациска мрежа, Коце Трајановски ги исполнуваше желбите на Никола Груевски и потроши милиони евра за мегакриминалниот проект Скопје 2014.
Додека скопјани секоја зима буквално се гушат од загадениот воздух, Груевски и Трајановски стихиски ги уништуваа дрворедите, парковите и сите зелени површини во градот.
Град Скопје има итна потреба од нова градска власт која што системски ќе го реши проблемот со загадувањето, ќе изготви и изработи модерни ефикасни и еколошки решенија во јавниот превоз, ќе го зголеми процентот на зелени површини во градот и ќе овозможи алтернативни извори на енергија“, рече Шилегов.
