Економија, финансии, бизнис

Контакт

Шилегов најавува бунт во СДСМ и заминување на пратеници

Шилегов најавува бунт во СДСМ и заминување на пратеници

Поранешниот градоначалник на Скопје и истакнат член на СДСМ, Петре Шилегов, јавно побара оставка од актуелното партиско раководство, оценувајќи дека резултатите од неговото работење се, како што рече, катастрофални и ја довеле партијата во длабока криза.

„Да ја сведете поддршката на партијата на околу сто илјади гласови и само 15 пратеници, да станете петта партија во Скопје и трета на државно ниво – ако тоа не е катастрофа, што е?“, изјави Шилегов.

Тој најави дека незадоволството во партијата не доаѓа само од него, туку и од поширока група членови и функционери, меѓу кои и актуелни пратеници, кои, според него, немаат никаква комуникација со раководството.

„Кога дел од пратениците ќе излезат од партијата, можеби и половина од пратеничката група, и кога дел од општинските раководства ќе ви ги затворат вратите, тогаш ќе сфатите дека мора да си заминете“, порача Шилегов.

Тој потсети дека бил отстранет од потпретседателската функција за време на т.н. операција „Метла“, а подоцна, како што рече, не бил свикан ниту конгресот што го барале бројни активни членови по локалните избори. Шилегов ја оспори и легитимноста на конгресот што го најави актуелниот лидер Венко Филипче, посочувајќи на апатија, пасивизација на членството и изолација на партијата.

Според него, СДСМ немала отчетен конгрес за поразот на изборите во 2021 година, иако тоа било статутарна обврска, а по парламентарните избори во 2024 година повторно не бил одржан редовен конгрес. Тој тврди дека актуелниот конгрес се одржува без доставени материјали, предлог-заклучоци и политички одлуки до општинските организации и делегатите.

„Според статутот, општинските организации треба да ги разгледаат материјалите и да изградат став, но тие воопшто не беа доставени“, нагласи Шилегов.

Тој оцени дека партијата го изгубила својот социјалдемократски идентитет и дека членството сè потешко може да се идентификува со актуелните политики и одлуки. Како спорна ја наведе и одлуката на Филипче да не учествува на лидерска средба, оценувајќи дека таков став не бил донесен од партиските органи, а образложението дека „не се седи на маса со криминалци“ го нарече апсурдно.

Шилегов посочи и дека нема формална одлука на партиските тела за неподдржување на проектот „Безбеден град“, и дека ставот против системот со камери е лична позиција на лидерот, а не официјална партиска политика.

„Поразително е да имате опозициско расположение во државата, а СДСМ да се бори со ДУИ и Левица за втора или трета опозициска позиција, наместо да биде лидер на опозицијата. Со брза промена на раководството и политиките, уверен сум дека СДСМ може да го порази ВМРО-ДПМНЕ на следните избори“, рече Шилегов.

Тој ги отфрли и обвинувањата од дел од партијата дека „работи за ВМРО-ДПМНЕ“, оценувајќи дека станува збор за лични дискредитации поради недостиг од аргументи.

„Кога немаат што да одговорат на тезите, следуваат напади и импутации. Такви напади очекувам и понатаму“, порача поранешниот градоначалник на Скопје.


Слично

Поврзани вести