Шилегов ќе прати екипа со дронови за пребарување на преживеани во Албанија
Македонските власти сочувствуваат со албанскиот народ и ќе пружат секаква можна помош за ублажување на последиците.
„Со загриженост ги следиме вестите за големиот земјотрес во Албанија, во Драч и во близината на Тирана. Силината на земјотресот, кој го почувствуваме и ние, ги насочи мислите кон нашите соседи.
Најискрено сочувствуваме со најблиските на жртвите, и се надеваме на брзо закрепнување од последиците.
Од утрово сме во комуникација со институциите на Албанија и сме подготвени да ја пружиме сета неопходна помош и поддршка“, напиша премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил.
И градоначалникот Петре Шилегов кажа дека ќе се упати специјална екипа за помош при пребарување на преживеани.
„Во договор со градоначалникот на Тирана, Град Скопје кон Драч ќе упати специјална екипа опремена со термални дронови за помош при пребарувањето на преживеани под рушевините.
Правиме се’ што е можно за помош во овие трагични моменти“, објави Шилегов.
А вицепремиерот Бујар Османи исто така напиша дека ќе се пружи помош, за да се ублажи големата несреќа.
„Утрово во Албанија се разбудија соочена со голема несреќа. Покрај големата материјална штета, катастрофалниот земјотрес веќе ги однесе и првите жртви за што сакам да изразам искрено жалење и сочувство за нивните фамилии, а воедно да изразам и надеж за побрзо закрепнување на повредените.Како Влада веќе сме во комуникација со Владата во Албанија и на располагање ги ставаме сите наши капацитети за евентуална помош и поддршка за пријателска Албанија, и стоиме на располагање за брза реакција кога и да биде таа идентификувана и побарана“, напиша Османи.
