Шилегов: Како Хазари го предизвикал пожарот во „Пулс“, а работел во Министерството за економија?
Адвокатот Петре Шилегов остро го оспори обвинителниот акт за пожарот во кочанскиот ноќен клуб „Пулс“, оценувајќи дека документот е правно слаб и непрофесионално изработен. На денешното рочиште, тој посочи дека судот е соочен со задача да донесе пресуда што ќе биде правно издржана и фер и кон оштетените и кон обвинетите.
Шилегов истакна дека неговиот клиент, Шефкет Хазари, не смее да биде жртва на погрешно оформено обвинение.
„Судот е исправен пред предизвик да донесе правно одржлива пресуда што барем делумно ќе им донесе утеха на оштетените, но таквата пресуда не смее да создаде неправда, особено не кон Хазари“, рече адвокатот.
Тој додаде дека, по долго двоумење, ќе ја прочита содржината на делата што му се ставаат на товар токму поради, како што ја опиша, правно неписмената форма на обвинението.
„Со почит кон обвинителството, но вакво обвинение не заслужува да го носи тоа име. Правно поаналфабетски документ од ова досега немам видено“, изјави тој.
Во обвинението се наведува дека Хазари бил свесен за можноста да настапи штетна последица и се согласил со нејзиното настанување, повикувајќи се на член 288 од Кривичниот законик, а квалификуван преку член 292.
Шилегов посочи дека е нелогично и правно неодржливо обвинителството да тврди дека Хазари, во периодот 2013–2019 година, можел однапред да се согласи со настан што се случил на 16 март 2025 година.
„Делото што се става на товар вели: Тој што со пожар, поплава, експлозија и јонизирачко зрачење, моторна пила, електрична или друга енергија или со друго општоопасно дејствие или средство, ќе предизвика значителна опасност за животот на луѓето или имотот, од поголеми размери, па се предвидува казната. Тоа е делото што според Обвинителството го сторил обвинетиот Хазири. Со кои средства? Лиценцата за угостителска дејност е изработена и обработена во Министерството за економија, а од Хазари била проверена. Нејасно е како предизвикал пожар или дал придонес во пожарот. Во суштина кривичното дело „Предизвикува општа опасност“ е непосредно дело и моментално. Сите можевме да видиме кој е тој момент и кој го предизвикал пожарот. Дел од тие лица се починати и не сакам на тој момент да се враќам. По содржина не може да биде поинаку“, кажа Шилегов.
Одбраната најави дека ќе докаже дека ваквите наводи се и правно и фактички неосновани.
