Шилегов бара докази наместо писма за да отпушта „режимски“ директори
Скопскиот градоначалник одговори на отвореното писмо на Наставничкиот пленум во кое се бара Шилегов да ги разреши директорите поставени од претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ за кои тврдат дека вршеле злоупотреби и притисоци врз наставниците.
- Наместо да пишуваат писма треба доказите за евентуалната незаконитост во работењето на училиштата да ги достават до мене како градоначалник или до Секторот за образование за да се отвори можноста за промена на директорите во средните училишта доколку има незаконитост во нивното работење, рече Шилегов одговарајќи на новинарско прашање при денешното промовирање на автобуската постојка во ГТЦ.
Не може, како што посочи, градоначалникот самоволно и со потпис да именува или да разрешува директори во средните училишта и во било која институција.
- Постојат законски можности и доколку бидат исполнети условите и доколу има причина, не гледам зошто да не дојде до промена на некој од директорите, истакна Шилегов.
Наставничкиот пленум побара да се направат системски промени во средните скопски училишта и да престане самоволието на партиски поставените кадри.
