Шилегов апелира да не палат Бадникови огнови за да не се загадува воздухот
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов на денешната традиционално собирање на бадникови гранчиња на Водно упати апел до граѓаните да не палат Бадникови огнови за време на православните празници следниот месец со цел да не се загадувал воздухот. Градот Скопје како и сите скопски општини годинава нема да делат дрва за граѓаните кои ја одржуваат долгата традиција за дочекување на Бадник.
Тој ги повика граѓаните да се воздржат од палењето огнови и рече дека апелот е усогласен со градоначалниците на сите скопски општини.
„Апелирам до скопјани да не се палат огнови на отворено по повод прославата на божиќните празници, со цел да ја заштитиме животната средина, а и да го заштитиме амбиенталниот воздух. Да се посветиме на иднината и да водиме сметка за здравјето на децата“ посочи Шилегов.
За време на собирањето на бадникови гранчиња присуствуваа и кумот на овогодинешната прослава, Влатко Огненовски – Шеф, овогодинешниот здравичар, Стефан Хаџи Николов – Штеф, минатогодишниот кум Радко Манов, како и повеќе поранешни кумови, здравичари и свештени лица од МПЦ.
Шилегов им посака успешна организација, а на граѓаните на Скопје им посака добра забава и пријатна празнична атмосфера.
