Шилегов: А зошто Арсовска се срами да каже дека е од ВМРО-ДПМНЕ
Актуелниот градоначалник на град Скопје и кандидат за уште еден мандат Петре Шилегов денеска на новинарски прашања коментираше дел од своите противкандидати. Вели дека ВМРО-ДПМНЕ ги потценил скопјани со поддршката на Данела Арсовска, а за Петар Георгиевски- Камиказа вели дека допрва ќе терба да учи.
„Жал ми е што ВМРО-ДПМНЕ толку многу ги потценува скопјани. Очигледно се свесни дека по 27 годишно владеење во градот пред мене, дивеењето и девијациите кои ги креираа не можат да излезат со личен кандидат. Зошто кандидатот се срами да каже дека е од ВМРО-ДПМНЕ. Таквата злоупотреба на независните кандидати сериозно може да го девастира граѓанскиот активизам во општеството“, вели Шилегов.
На новинарско прашање дали се плаши од противкандидатот Петар Георгиевски-Камиказа, Шилегов рече дека доста сработел и дека е важно да се одржи континуитетот.
„Во мојот мандат, особено последниве две години во Скопје не се зборува за загадување затоа што тоа е драстично намалено. Сметам дека добро работев и граѓаните сакаат градоначалник кој се грижи за нивното добро. Што се однесува до противкандидатот Георгиевски, мислам дека на Скопје му е потребен континуитет, а не луѓе што допрва ќе учат. Верувам дека добро работев во Скопје, а немам намера да се занимавам со ВМРО-ДПМНЕ“, додаде Шилегов.
