Шестиот повик за изградба на мали хидроцентрали со олеснети услови за заинтересираните
Во потрага по инвеститори, Владата ги менува условите за доделување концесија за изградба на мали хидроцентрали. Од почетокот на месецов е објавен шестиот јавен повик за доделување концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од 80 мали хидроелектрични централи.
Заради зголемување на атрактивноста и процентот на реализација, на шестиот повик, предвидена е промена на концептот за фидинг тарифи за малите хидроцентрали, а олеснет и поевтинет е и приклучокот на дистрибутивната мрежа.
„Со промената на концептот на фидинг тарифи се предлага модел со блок тарифа во зависност од инсталираната моќност на хидроелектричната централа. Централите ќе бидат групирани во неколку групи и може да се очекува кај помалите централи со моќност до 1,5 мегавати фидинг тарифата да се зголеми од 4 до 6 проценти, додека кај некои кои се над 2 мегавати можно е и нејзино намалување“, појасни вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Право на учество на повикот имаат сите домашни и странски правни лица кои ќе ги исполнат бараните услови, а доколку се изградат сите предивени 80 мали хидроцентрали вкупната инвестиција се предвидува да изнесува 170 милиони евра, а нивната инсталирана моќ да биде 63 мегавати.
„Направени се измени и дополнувања на мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија на ЕВН Македонија, кои се одобрени од Регулаторната комисија за енергетика. Во нив е предвидена посебна глава за приклучок на малите централи во дистрибутивната мрежа, проблем со кој често се соочуваа инвеститорите, а намален е и трошокот за приклучување на мрежата“, рече Пешевски.
Од 80 планирани мали хидроцентрали, 48 локации се групирани во 16 групи што значи дека еден инвеститор ќе треба да гради од две до четири хидроцентрали, а 32 се поединечно понудени. Периодот на концесија е 23 години од кои три за изградба и 20 концесија за искористување на водата.
Според министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, изградбата на малите хидроцентрали ќе значи подобрување на животната средина, намалување на ефектите од климатските промени и зголемување на процентот на искористување на обновливите извори на енергија.
Во досега објавените пет повици за изградба на мали хидроцентрали низ Македонија потпишани се 67 договори, а целосно се изградени 14 мали хидроелектрани. Останатите се во фаза на градба.
Слично
