Шекеринска се сретна со Купер и Палмер
Mинистерката Шекеринска во вториот ден од средбите во Стејт Департментот се сретна со функционери во обид да обезбеди цврста американска поддршка во пресрет на Самитот на НАТО.
Министерката Радмила Шекеринска на вториот ден од официјалната посета на САД се сретна со заменик – помошникот на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер и со високи официјални лица во Стејт Департментот.
Високата претставничка на Стејт Департментот Елизабет Милард оддаде признание за напредокот кој го постигна земјата само една година по кризните настани во Собранието, и потенцираше дека САД се силен пријател на Македонија кој одблизу го следи и поддржува прогресот на земјата.
Во Стејт Департментот министерката Шекеринска се сретна и со заменик - помошник секретарот Метју Палмер, кој истакна дека работите во Македонија се одвиваат многу бргу, а земјата е подготвена не само да биде членка на НАТО, туку членка која активно придонесува во Алијансата.
На средбата со заменик – помошникот на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер, министерката Шекеринска рече дека Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија забрзано работат на имплементација на потребните реформи, фокусирајќи се на Стратегискиот одбранбен преглед кој е клучен документ за развојот на АРМ.
