Шекеринска: Разговаравме со Пендаровски, армијата не обезбедува болници
Радмила Шекеринска, министерката за одбрана, денеска во Криволак одговарајќи на новинарско прашање рече дека актуелниот состав на АРМ не може да ги обезбедува болниците според наредбата на претседателот Стево Пендаровски. Таа рече дека денеска разговарала за тоа со шефот на државата и дошле до заклучок дека тоа може да го прават само поранешни професионални војници и тоа без да бидат униформирани и вооружени.
- Согласно одлуката на претседателот, армијата има ралични задачи - да обезбедува медицинска помош со медицински сили и тоа го прави во тек на целата криза. Воено-медицинскиот центар отстапува еден дел од својот состав за земање брисови, за епидемиолошки анализи. Има и дополнителна поддршка на други институции во делот на траnsпортни услуги и складирање на медицински материјал, но не и директно обезбедување и денеска разговаравме со претседателот дека делот од редарската служба ќе го вршат поранешни професионални војници кои се уште работат во Министерството за одбрана и тие ќе бидат првата линија на поддршка. Ќе воведат малку повеќе ред и ќе даваат информации за граѓаните, рече Шекеринска.
Претседателот и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, врз основа на Законот за одбрана, како и генералната наредба за ангажирање на дел од Армијата на Република Македонија во мирновремени услови, односно во услови кога не е прогласена кризна, вонредна или воена состојба, и нареди на армијата дел од силите и средствата да ги ангажира како невооружени сили за извршување на задачи за поддршка на државните институции при справување со последиците од пандемијата на коронавирусот.
„Со оваа наредба, којашто стапува во сила веднаш, дел од ресурсите и од средствата на Армијата ќе се ангажираат како невооружени сили на извршување на задачи за поддршка на институциите на државата при справување со последиците од пандемијата на Ковид-19“, соопшти кабинетот на Пендаровски пред четири дена.
Согласно наредбата на претседателот Пендаровски, Генералштабот на Армијата ќе ангажира сили и средства за медицинска поддршка на работата на здравствените установи и центри на Министерството за здравство, транспорт на заштитни и медицински средства и опрема.
