ШЕКЕРИНСКА ЗА ЈОВАНОВ: Со ниту едно од споменатите лица немам никаков контакт, познанство ниту пријателство
За прегазувањето на Фросина Кулакова од Неготино кое се случи деновиве, со реакција се јави и заменик - генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска.
Таа на Фејсбук објави реакција откако неколку дена кружат информации според кои се тврди дека интервенирала за пуштање на возачот Васил Јованов, осомничен за прегазувањето на 22-годишната Фросина Кулакова, додека Обвинителството го истражувало за дрога.
„Најдиректно сакам да ги демантирам сите такви наводи – тие се целосна, безобразна и исконструирана лага за која не постои никаква основа. Одговорно тврдам дека со ниту едно од споменатите лица немам никаков контакт, познанство ниту пријателство: ниту со сторителот ниту со неговиот родител, а уште помалку со судијката што одлучувала за неговите предмети. Со ниту едно! Дополнително, сите што ме познаваат, го знаат мојот став за овие прашања. Како и сите вие, и јас се плашам кога мои блиски ја поминуваат „Партизанска“ (особено кај „Силбо“). Како многумина од вас, и јас сум реагирала на беснеењето на возачите што мислат дека правилата не важат за нив и дека нашите улици се писта за нивните комплекси и покажување „сила“. И никогаш, ама буквално никогаш не сум се јавила на никој за да побарам ургенција за каква било сообраќајна грешка. Никогаш! Некои пријатели ми замериле поради тоа (што не сум „им завршила работа”), но сум стоела зад мојот став, бидејќи искрено верувам дека неказнивоста води кон повторување на делата, а тоа значи само чекор до трагедија“, објави Шекеринска.

