Шекеринска за BBC: Македонија сака да припаѓа на нешто поголемо и подобро
Македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска при официјалната посета на Велика Британија беше гостин во емисијата Beyond 100 Days на BBC при што истакна дека Македонија сака да биде членка на НАТО и ЕУ бидејќи сака да припаѓа на нешто поголемо и подобро. Таа беше запрашана за повеќе теми меѓу кои мигрантската криза и проблемите на јужната граница кога имаше наезда на стотици илјади мигранти и бегалци кои сакаа да преминат кон северноевропските земји.
На прашањето околу настаните на 27 април и сликите со насилство во земја која сака да биде членка на ЕУ, кои го обиколија континентот, Шекеринска рече:
- Знаете демократските и сериозни земји некогаш запаѓаат во неволја, и сметам дека клучното прашање е како тоа да се превенира. Македонија доживеа продолжена политичка криза која траеше три години, и токму отсуството на контролни механизми, недостатокот на борба против корупцијата, и се разбира, големиот притисок врз медиумите, противниците, бизнисите, ја доведоа всушност земјата во ваква ситуација. Но, знаете, Македонија е мала земја и успева брзо да си ја поврати својата сила. Од овие слики не поминаа повеќе од седум месеци, а зборуваме за земја која може да биде извор на надеж за многу земји, особено многу балкански земји. Нашата земја е земја на различности, од етнички, религиозен и политички аспект, и од оваа криза се кренавме како пообединета земја со поголема кохезија. И ова е тоа што го слушнав од моите колеги од Босна и Косово и од други места на Балканот, што е всушност знак на охрабрување, дека може да се преживее една ваква агонија, но со вистинска политика и со вистинско лидерство, можете земјата да ја направите посилна. Од таа причина, новата влада навистина се фокусира на агендата на демократски промени. Сметам дека дојдовме до конкретни резултати, многу добри избори на кои ја добивме поддршката од голем дел од нашето население и сметам дека повторно сме позитивен балкански пример и за ЕУ и за НАТО.
