Шекеринска смета дека ВМРО-ДПМНЕ со 2.000 амандмани сака да го спаси Ковачки
Министерката за одбврана Радмила Шекеринска денеска реагираше дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ со поднесувањето на 2.000 амандмани на предлог законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата сака да ја спаси позицијата на полковникот Драган Ковачки.
Една од новините која ја предвидува законското решение е да ја забрани злоупотребата на позицијата воено лице во партиски цели. Ковачки во последните неколку години е во постојан судир со одлуките на Министерството за одбрана, Владата и Генералштабот.
- Ако некој треба да биде тргнат настрана од нашите партиски битки, тоа дефинитивно се армиските припадници. И сега за еден човек и една група околу него лично профитираат, тие се спремни да ги фрлат низ вода сите интереси на припадниците на армијата - на војници, на офицери, на подофицери, кои што и онака ги заборавија 11 години. Мислам дека малку мерка во политизирањето на се и сешто во државата мора да покажат сите пратенички групи, рече Шекеринска на денешната прес-конференција.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата вчера поднесе околу 2000 амандмани, на што Министерството за одбрана остро реагираше дека опозицијата сака да ги блокира планираните новини за отпремнината и пензионирањето на војниците.
