Економија, финансии, бизнис

Контакт

Шекеринска по „европска“ линија застана зад Арифи

Шекеринска по „европска“ линија застана зад Арифи

Радмила Шекеринска која со кандатот за градоначалник на Тетово Теута Арифи ја поврзуваат евроинтеграциите реши да и даде голема поддршка на политичка трибина. Шекеринска која е актуелен министер за одбрана ја даде поддршката која на Арифи и е потребна за освојување на втор мандат во Тетово, општина која има голем број на комунални проблеми но и без оглед на тоа во првиот круг покажа дека граѓаните се уште имаат доверба во ДУИ. Секако гласачкото тело на СДСМ во Тетово не е премногу големо за да може директно да влијае на изборите во недела, но уверувањата на Шекеринска дека Арифи е правилен избор може да бидат значајни за многу гласачи.

Шеќеринска посочи дека Арифи била дел од неколкумината политичари чија одлуката по парламентарните избори минатиот декември ги овозможила промените во државата и кои делеле заеднички концепт за мир, просперитет и шанса младите својот живот и работа да го гледаат во Македонија.

Не смееме, истакна, да се релаксираме по феноменалниот резултат од првиот круг на локалните избори каде победивме и таму каде што очекувавме но и таму каде што не ни сонувавме.

- Тоа беше уште еден показател поранешните изборни циклуси биле предмет на кражба и насилство, а со сегашната победа во дел од најголемите општини во државата само ја потврдија определбата на граѓаните за реформи и правда. И во Тетово предводат оние луѓе со кои имаме заеднички вредности и концепт за Македонија што ги интегрира сите и обезбедува живот за сите. Затоа ги повикувам сите оние што веруваат дека Македонија вака може да оди напред да излезат на изборите и да ја изберат својата градоначалничка Теута Арифи односно да ги наградат оние политичари кои не сплотуваат, а не оние кои не закаруваат - рече Шекеринска.

И овие и минатите избори, додаде, покажаа дека ако играш на национализам ќе страдаш од национализам. Со победата на овие локални избори ќе покажеме дека Македонија научила од своите и од грешките на другите балкански народи и дека за вредностите за заедничка Македонија мора да се бориме, наведе Шекеринска.

Кандидатката за градоначалник на општина Тетово од редовите на ДУИ Теута Арифи посочи дека вистинската промена се покажала во првиот круг од локалните избори со нејзината победа и разликата од скоро 5.000 гласови во однос на второпласираниот кандидат Биљал Касами од Беса.

- Соработката на локалната со централната власт е клучна за спроведувањето на реформите, но и еднаквоста на сите како најголема можност за развој на нашата држава. Ние делиме заеднички идеи за нашата држава и нашиот град. Добрите насоки за заедничка интеграција во ЕУ и НАТО даваат можност промените и реформите да продолжат по својот тек. Во изминатите четири години работевме на решавање на комплексни комунални проблеми што долги години биле запоставени како што е новиот зафат во водоснабдувањето што 20 години се оддолжуваше - рече Арифи.

Таа најави дека најважни приоритети за следните четири години ќе бидат изградба на капацитетот за третман на отпадните води за што Тетово заедно со Струмица и Битола ќе добијат средства од ИПА програмата, отворање на останатите градски булевари и други зафати.

Слично

Поврзани вести