Шекеринска нема да бара транскрипти од Блумберг - Русија ги знае нашите позиции
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска нема да одговори на барањето на руското министерство за надворешни работи за објава на транскрипти од изјавата дадена за магазинот Блумберг каде посочува дека Македонија со влезот во НАТО ќе биде повеќе отпорна на руското влијание на Балканот.
„Министерката за одбрана нема намера да се меша во работата ниту на домашните, ниту на странските медиуми и оттаму воопшто не би сакале да го коментираме барањето на руското МНР за транскрипт“, велат од МО.
Оттаму истакнуваат дека министерката Шекеринска има дадено изјави и за други медиуми кои се достапни до јавноста.
„Позициите на Владата и на министерката Шекеринска за стратешката цел за членство во НАТО и добри односи со партнерските земји во меѓународната заедница како и со Русија се единствени, јасни и недвосмислени“, велат од МО.
Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова по повод интервјуто на Шекеринска изјави дека обвинувањата на сметка на Москва за наводното мешање во внатрешните прашања на Македонија се исконструирани и неосновани. Таа оцени дека таквите изјави се во спротивност со ставот на официјално Скопје и на настојувањата на македонските власти за развој на конструктивни односи со Русија поради што побара агенцијата да го објави целиот текст од интервјуто, како и аудио и видео снимката од разговорот со Шекеринска. Захарова исто така рече дека руското МНР ја повикува Македонија да појасни дали зборовите на Шекеринска, кои ги објави „Блумберг“ се вистинити, имајќи предвид дека досега никој тоа не го демантирал.
