Шекеринска: Не можеме да си дозволиме таков луксуз да испуштиме уште една шанса
Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска во интервју за Независната балканска новинска агенција (ИБНА) вели дека Македонија изгуби историска шанса во 2008 и не можеме да си дозволиме таков луксуз да испуштиме уште една шанса.
Нѐ чинеше загубена деценија, а го загубивме и чекорот со нашите соседи, додава таа.
Таа истакнува дека во пресрет на референдумот, фокусот треба да биде на позитивниот аспект, на позитивните резултати од Договорот со Грција, кои не се само НАТО и ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.
„Последиците од „не“ (на референдумот) се сериозни. Луѓето немаат потреба од нас, ние да им ја нацртаме оваа мрачна слика, бидејќи ја видоа во нивниот реален живот. Верувам дека треба да направиме кампања којашто ќе се фокусира на позитивните работи. А, не верувам дека единствените позитивни работи се поканата од НАТО или членството во ЕУ. Јас не сум лажна идеалистка кога велам дека ако погледнете и ги видите вашите соседи како ваши сојузници, ќе ви биде многу подобро. Ќе бидете посилни. Ќе бидете постабилни. Затоа, верувам дека можеби основниот аргумент за нашиот договор со Грција не се само ЕУ и НАТО, туку фактот што можеме да кажеме „избравме друг курс“ - изјави Шекеринска.
Потенцира дека Македонија и Грција делат исти проблеми, исти ризици и се соочуваат со истата криза, „а ако не го разбереме нашиот регион и нашата стабилност, некој друг ќе го стори тоа и нема да ни се допадне“.
